Furkan Naci Top
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
АТИНА (АА) - Вработените во комунална хигиена во Грција протестираат поради можноста да останат без работа по одлуката општините во земјата да не им ги продолжат договорите за работа. Во тек е втората недела од почетокот на протестите, јавува Anadolu Agency (AA).
Температурите од 42 степени кои се очекуваат кон крајот на неделата, во Атина и во некои други градови низ Грција создадоа загриженост од хигиенски и здравствен аспект, поради насобраните купиштата смет.
Судот во Грција го оцени како противуставно продолжувањето на договорите за работа на општините со вработените во комунална хигиена. Поради ваквата одлука, околу 10.000 вработени во овој сектор се соочуваат со можноста да останат без работа. Во изминатите две недели не се најде решение за овој проблем.
Купиштата смет што се создадоа поради штајкот на вработените во комуналната хигиена се причина за ширењето на непријатна миризба во околината. Странските туристи во градот се изненадени од глетката на која наидуваат.
Елени Кундура, министерка за туризам на Грција, изјави дека кризата го урива угледот на земјата. „Купиштата ѓубре во земјата, поради високите температури овие денови предизвикуваат опасност за здравјето, како на грчките граѓани, така и на странските туристи кои се во посета на земјата“, рече министерката Кудура.
Грчките власти стравуваат од можни здравствени проблеми и побараа граѓаните колку што е тоа можно, сметот да го чуваат во куќите и во дуќаните.
- Уште еден протест
Премиерот Алексис Ципрас и министерот за внатрешни работи, Панос Скурлетис, се сретнаа со претставниците на Федерацијата на вработени во локалната управа (POE-OTA). POE-OTA не го прифати предлогот на владата и повика на уште еден протест за денес. Овој повик беше прифатен како продолжување на штрајкот, па околу 1.000 работници од комуналната хигиена на Атина се собраа на плоштадот „Караискакис“ во Атина, и извикувајќи слогани се упатија кон парламентот. Демонстрантите носеа транспаренти на кои беше испишано: „Ќе се бориме сѐ додека не ги добиеме нашите права“.
Работниците кои продолжија со протестот пред Собранието, по извесно време се разотидоа без инциденти.
Комуналниот работник Харалабидис Ксенофон (45), кој беше учесник на протестот, зборувајќи за правото на постојана работа, изјави: „Како лица кои имаат договор за вработување, се собравме тука во знак на протест против законот што сака да го спроведе владата, бидејќи поради него илјадници вработени ќе останат без работа. Три години работам со договор и се соочувам со можноста да останам без работа“.
Протестот траеше приближно два часа, а грчките безбедносни сили презедоа засилени безбедносни мерки. Затворени беа патиштата што водеа кон плоштадот !„Синтагма“, а на влезот од улицата што води кон владата беше паркиран полициски автобус.
- „Жалиме поради имиџот што го создадовме“
Еден жител на Атина, за настанатата ситуација рече дека негативно влијае врз сите во градот.
„Многу ми е жал за глетката, мирисот и за имиџот што им го прикажавме на странските гости, од аспект на туризмот, кој е главен извор на приходи во нашата земја“, додаде тој.
Пред неколку дена во Атина како турист пристигнала 22-годишната Канаѓанка Кејт, која изјави: „Атина е многу убаво место, но е нечист град. Ќе раскажам дека Грција е многу убава земја, но не можам за неа да кажам дека е и најчиста“.