Agim Sulaj
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Фотографите Кујтим и Бетим Чодари уловија редок момент во природата со своите камери во околината на Кичево, јавува Анадолу.
Тие го снимија реткиот вид балкански рис меѓу карпите и фотографијата и видеото ги објавија на социјалните мрежи.
„Еден исклучително редок момент! Да се сними балкански рис во неговото природно живеалиште е привилегија што ја имаат многу малку луѓе. Скришен, внимателен и меѓу најретките животни на Балканот, тој ретко се појавува пред човечкото око“, пишуваат фотографите на социјалните мрежи.
Тие сметаат дека оваа слика е доказ за „дивата убавина што сè уште живее на нашите планини“.
Балканскиот рис е подвид на евроазискиот рис од родот рисови. Најчесто се среќава во источниот и северниот дел на Албанија, западниот дел на Северна Македонија, како и многу мал број во Косово и Црна Гора.