Abdula Berisha
24 Април 2019•Ажурирај: 25 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека Владата на Северна Македонија не сака да се меша во внатрешните работи на Исламската Верска Заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев учествуваше на прес конференција по повод претстојната посета на Папата Франциск со Скопје, каде беше прашан околу вчерашните настани во врска со ИВЗ. Заев рече дека „Владата на Северна Македонија ниту има намера, ниту ќе се меша во внатрешните работи на Исламската Верска Заедница или во било која друга верска заедница”.
Заев објасни дека вчера е побарана асистенција од полицијата од двете страни, поради што полицијата била на местото на настанот, истакнувајќи дека државата ќе го почитува својот секуларен карактер.
„За нас, поглавар на ИВЗ е оној кој што Уставот и законите на ИВЗ тоа го утврдуваат. Не е наше ние да толкуваме или да навлегуваме во тоа”, истакна Заев, демантирајќи ги информациите дека финанциската полиција во вторник била присутна во канцелариите на ИВЗ.
Изјавата на премиерот Зоран Заев доаѓа откако поранешниот поранешен секретар на Муфтивството во Скопје, Скендер Бузаку, вчера се појави во седиштето на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија со одлука на Основниот суд Скопје 2 истакнувајќи дека тој е новиот поглавар на ИВЗ, додека актуеното раководство на ИВЗ ја отфрли оваа одлука и одржа вонредна седница на Ријасетот.
Потоа, обраќање до јавноста имаше Сулејман Реџепи, кој ја отфрли судската одлука нарекувајќи ја „примитивен скандал".
- „Наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис Ул Улема не е правосилна"
Актуелното раководството на ИВЗ вчера ја отфрли одлуката на Основниот суд Скопје 2, изјавуваќи дека Скендер Бузаку доставил фалсификувани документи.
Основниот суд Скопје 2 денес преку соопштение информираше дека постапил врз основа на барањата што стигнале од ИВЗ и нејзините органи.
Според соопштението на судот, Сулејман Реџепи поднел неотповиклива оставка од функцијата Реис ул- улема на ИВЗ, и истата е прифатена и заведена од Ријасетот.
Во соопштението исто така се вели дека Ријасетот на ИВЗ одржал вонредна седница на ден 30.03.2019 на која е прифатена оставката и за реис ул-улема е избран Скендер Бузаку, додека Основниот суд Скопје 2 го уважи барањето поднесено за промена на лице за застапување на ИВЗ.
„Наведената одлука за промена на вршител на функцијата реис ул-улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена”, стои во соопштението од судот.
Од судот објаснуваат дека не извршиле промена, туку спровеле и потврдиле одлуки на верската заедница што биле донесени на вонредна седница на Ријасетот.
Во врска со наодите дека е фалсификувана оставката на Сулејман Реџепи, од судот информираат дека тоа може да биде предмет на друга судска постапка, додавајќи дека сите одлуки кои се примени од ИВЗ го носеле печатот на верската заедница и биле заведени под деловоден број на заедницата.
Потсетуваме, во 2015 година, тогашниот скопски муфтија Ибраим Шабани, поддржуван од тогашниот секретар на скопското Муфтивство, Скендер Бузаку, се обиде да стане претседател на ИВЗ, по што Ријасетот на ИВЗ ги одзеде нивните надлежности.