Besar Ademi
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Додека во Собранието на Република Македонија веќе 15. ден се одржува продолжението на конститутивната седница за формирање на Комисијата за избори и именување, како услов за избор на нов претседател на Собранието, група родители на деца со посебни потреби поставија шатори во паркот спроти Собранието со цел да го изразат својот револт против нерешените проблеми со кои се соочуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој собир е поддржан од повеќе граѓански здруженија кои се бават со правата на лицата со посебни потреби, а бараат за овие категории на лица законски измени и надополнувања, вклучувајќи и правна и институционална поддршка за образование и грижа за лицата со посебни потреби.
Според нив, државата нема капацитет за лекување на некои болести, не постојат центри за грижа за лицата кои страдаат од одредени ретки болести и, како што велат, не се обезбедуваат средства за лекување во странство.
Еден од организаторите на собирот, Зоран Мијалков од Здружението „Поврзани срца", апелираше до пратениците да работат во интерес на граѓаните и да се забрза процесот на формирање нова влада, а како еден од приоритетите на таа влада, апелираше тој, „да бидат чекорите кои треба да се преземат за грижата за лицата со посебни потреби”.
„Овде сме родители од повеќе националности, од над 20 здруженија. Кога можевме ние околу проблемот да се обединиме сите, без разлика на националност или било која друга припадност, може и нашето општество. Ајде да се обединиме околу работите кои се заеднички за сите, како што се здрави деца, да им се обезбедат услови, сите сакаме повисоки плати и подобро здравство. Тоа не обединува, затоа на 120-те пратеници им порачавме дека сите тие, без разлика на партиската припадност се наши пратеници, и таму се не за свој личен интерес, туку да направат на сите нас да ни биде подобро”, изјави Мијалков за АА.
Мијалков истакнува дека шаторите беа поставени изутринава и ќе останат пред Собранието до сабота попладне, но ако се одложи формирањето на новата влада, тие ќе се соберат повторно, и во поголем број. Тој додаде дека целта на поставување на шаторите е да се подигне јавната свест и да се разгледат нивните барања кои се однесуваат на грижата за лицата со посебни потреби.
Инаку, за дебата околу Комисијата за избори и именувања се пријавени 51 пратеник, од кои, во овие 15 дена, правото на говор го искористија само седум. Расправата започна на 30 декември 2016 година, но беше прекината поради тоа што не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието на Република Македонија.