Stipe Mayiç
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Давор Иво Стиер, денес во Собранието порача дека Хрватска нема се врати во арбитражната постапка за разграничувањето со Словенија. Тој порача дека активираната ЕУ директива за надзор на границите не е поврзана со прашањата за разграничувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Стиер го коментираше метежот на границата при влез во Словенија и колку арбитражната постапка меѓу двете земји околу Пиранскиот Залив може да влијае на тоа.
„Ние ја имаме одлуката на Собранието којашто е едногласно донесена и јасно се повлековме од арбитражната постапка токму затоа што Словенија ја кршеше таа арбитражна постапка. Тоа е ставот на оваа Влада и на сите политички сили во Хрватска, и тоа нема да се промени“, изјави Стиер.
Тој ја повика словенечката Влада на дијалог и истакна дека меѓу Хрватска и Словенија е на сила претходно потпишаниот Договор за пограничен сообраќај и соработка, кој има за цел да се избегнат инциденти на границата.
Стиер вели дека со словенечкиот колега Карл Ерјавец, по состанокот овој договор е обновен и на сила.
„Што се однесува на дефинирањето на граничната линија, ние сме отворени за дијалог со Љубљана, но јасна е одлуката на Собранието на Хрватска“, истакна Стиер.
Тој порача дека ресорните министерства прават сѐ за проблемот со застојот на хрватско-словенечката граница да се реши и дека е тоа е многу важно прашање за Хрватска како туристичка земја, што утринава го порача и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на почетокот од седницата на Владата.
Стиер нагласи дека смислата на европска регулатива за зајакнати контроли на границите е јакнење на безбедносниот аспект, а не прашањето на разграничување на одредени земји.
Смета дека ниту на Словенија не би ѝ одговарало „малтретирање на туристите“ кои преку Словенија доаѓаат од разни земји на ЕУ.
Во врска со ова прашање се јави и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која упати писмо до Европската комисија.
На границата меѓу Словенија и Хрватска, особено на граничниот премин Бреган, при влезот во Словенија се создава повеќечасовен метеж.