Edıta Zekjırovıkj
15 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
Собранието денеска започна со седницата на чиј дневен ред е избор на нова влада на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот на седницата обраќање имаше мандатарот Димитар Ковачевски, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а неговиот предлог за составот на новиот владин кабинет што го достави, денеска и утре ќе биде пред пратениците во Парламентот.
Собраниската седница ќе трае најмногу два дена, а на крајот на вториот ден, односно утре пред полноќ треба да се одржи гласањето.
Потсетуваме дека на 23 декември 2021 година, Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, што тој ја најави по неуспехот на партијата што ја предводеше на локалните избори одржани во октомври минатата година.
Потоа, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, го извести и претседателот на државата, Стево Пендаровски, дека треба да именува мандатар за состав на нова влада.
На 29 декември минатата година претседателот Пендаровски му го додели мандатот за состав на новата влада на Ковачевски, кој претходно беше избран на функцијата претседател на владејачката СДСМ по оставката на Заев.