Bojana Stojanovic
16 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
БЕЛГРАД (AA) - Самитот на министрите за транспорт на Кина и 16 земји од централна и источна Европа денес е свечено отворен во Белград, а учесниците изразија очекување дека производ на собирот ќе бидат нови инфраструктурни проекти кои подобро ќе го поврзуваат регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој и официјално го отвори Самитот, рече дека тоа поради што денес се собрани се патиштата и новите облици на соработка.
„Поврзувањето на регионот денес е од пресудно значење за напредокот“, наведе Вучиќ, истакнувајќи дека кога ќе се погледне поранешна Југославија, се гледа дека со Босна и Херцеговина нема ниту еден автопат што ги поврзува, и ниту пруга, а слично е и со Црна Гора, Романија, додека нешто подобро е со Бугарија и Македонија.
Тој рече дека инфраструктурно не сме поврзани, иако тие земји се главни трговски партнери, што, како што нагласи, мора да се исправи.
„Суштина е во поврзувањето да менуваме стока, услуги, на најдобар начин да ги намалиме оперативните трошоци. Затоа вложуваме многу пари во развој на инфраструктурата, речните пристаништа, патишта. Спремни сме за тоа да сослушаме совети од нашите кинески пријатели, и да дадеме полн придонес на проектот Еден појас, еден пат“, рече Вучиќ.
Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Зорана Михајловиќ, која е и домаќин на собирот, наведе дека Србија, благодарејќи на механизмот на соработка на Кина и 16-те земји на ЦИЕ би можела да биде новиот лидер во Европа во реализација на инфраструктурни проекти.
Таа изрази очекување дека разговорите ќе бидат конструктивни и дека ќе стане збор за идни инфраструктурни проекти од важност за целиот регион.
Министерот за транспорт на Кина, Ли Џиапинг, наведе дека за пет години е постигнат значителен напредок на Кина и 16 земји на ЦИЕ во поврзувањето, истакнувајќи ја како пример железничката пруга Белград - Будимпешта и автопатот во Црна Гора.
Како што додаде, во последните неколку години е зголемена трговската размена на Кина и 16 земји. „Ги повикувам сите земји, потпирајќи се на своите компаративни предности, а почитувајќи го принципот на двострана корист, да продолжат да вложуваат заеднички напори за продлабочување на соработката“, наведе Џиапинг.
Министерот за рударство и енергетика на Србија, Александар Антиќ, наведе дека овој формат секоја година е сè посилен и има сè повеќе опции поради кои државите во регионот, на чело со Кина, остваруваат соработка, со цел да има корист целиот регион.
„Кина со оваа иницијатива нè доведе сите нас многу повеќе да соработуваме, да имаме многу повеќе проекти“, рече Антиќ.
Во исто време, во Белград се одржува и Третиот форум на градоначалници на главните градови на земјите учесници во механизмот за соработка на Кина и 16 земји на централна и источна Европа.
Меѓу учесниците на форумот е и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.