Сараево: Ердоган пречекан со највисоки почести пред зградата на Претседателството на БиХ
- Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, кој денеска пристигна во посета на Босна и Херцеговина, беше пречекан со највисоки државни почести од претседавачот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, кој денеска пристигна во посета на Босна и Херцеговина, беше пречекан со највисоки државни почести пред зградата на Претседателството на БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со посетата на Сараево, турскиот претседател Ердоган ја започна тридневната регионална турнеја во која покрај Босна и Херцеговина, се вклучени и Србија и Хрватска.
Ердоган пред зградата на Претседателството беше пречекан од претседавачот на Претседателството, Шефик Џаферовиќ. Свечената церемонија започна со дефиле, а продолжи со интонирање на националните химни на Туркије и Босна и Херцеговина.
Во комисијата за пречек беа членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, и други членови на делегацијата на земјата домаќин.
Турскиот претседател по пристигнувањето ги поздрави и граѓаните собрани пред зградата на Претседателството на БиХ.
По заедничкото фотографирање на Ердоган со Џаферовиќ и Комшиќ на влезот во зградата на Претседателството на БиХ, средбата продолжи зад затворени врати. По средбата ќе се одржи заедничка прес-конференција.
Покрај членовите на неговиот кабинет, Ердоган беше придружуван од сопругата Емине Ердоган, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, министерот за национална одбрана Хулуси Акар, министерот за индустрија и технологија Мустафа Варанк, министерот за земјоделство и шумарство Вахит Киришчи, министерот за трговија Мехмет Мус, министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаиоглу, шефот на Канцеларијата за наменска индустрија при Кабинетот на претседателот Исмаил Демир, претседателот на Дирекцијата за верски прашања Али Ербас и голем број претставници на Партијата на правдата и развојот (АК Парти).
Ердоган во текот на денот ќе се состане и со членовите на колегиумот на Претставничкиот дом и Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина.
Потоа ќе ги посети гробиштата на мачениците Ковачи, ќе му оддаде почит на првиот претседател на Претседателството на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, ќе ја посети неодамна отворената Управна зграда на Исламската заедница Ријасет (ИЗ) во Босна и Херцеговина, а вечерва ќе присуствува и на бизнис-форум.
По Сараево, турскиот претседател ќе отпатува за Белград, каде што покрај средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и средбата на делегации, Ердоган ќе учествува во голем број програми. Планирано е Ердоган и Вучиќ да го посетат престижниот проект „Waterfront“ во Белград, во чија изградба учествуваат турски компании со 1.500 работници.
Последна станица од мини-балканската турнеја ќе биде Хрватска. Ердоган во четврток во Загреб ќе одржи состаноци со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Претседателот на Туркије ќе го отвори и Исламскиот културен центар во Сисак, кој е изграден со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Бизнис форум е планиран и во Хрватска.