Bekim Laci
16 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вработените во Министерството за одбрана на Македонија, заедно со вработените во Генералштабот на Армијата на Македонија, со свечена церемонија го одбележаа Денот на Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана нагласи дека централната манифестација ќе се одржи утре, додека на Денот на АРМ, 18 Август, на Градскиот стадион ќе биде презентирано оружјето и опремата што ја поседува АРМ.
На церемонијата за одбележување на 18 Август, присуствуваа министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, нејзиниот заменик, Беким Максути, како и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
Како што е предвидено со официјалниот воен протокол, церемонијата се одржа ден пред централната манифестација на Денот на АРМ, при што на споменикот на загинатите војници на АРМ во конфликтот од 2001 година, беа положени цвеќиња.
По наредба на министерката Шекеринска, двајца мајори се унапредени во чин потполковник, двајца капетани во чин мајор, додека еден водник од прва класа е унапреден во чин наредник.
Во меѓувреме, со наредба на началникот на ГШ на АРМ, Величковски, пет мајори беа унапредени во чин потполковник, еден капетан стана мајор, и еден водник стана главен наредник.
За време на денешната церемонија, за повеќегодишно служење во АРМ беа доделени сребрени и бронзени медали, и неколку пехари за различни спортски натпревари.