Furkan Abdula
10 Јуни 2021•Ажурирај: 11 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата се вакцинирани над 250.000 граѓани против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на ова министерство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Во соопштението се вели дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ е 446.195 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 252.537 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.391 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 9.631 граѓанин. Во државата вкупно се аплицирани 420.821 доза вакцина, а ревакцинирани се 168.284 граѓани. Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација и дека се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на оваа веб-страница, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Како што се нагласува во соопштението, масовна вакцинација се одвива во неколку града во државата, и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид и Прилеп, а во Велес вакцинацијата се одвива во ССОУ „Коле Неделковски“.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“, бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.