Furkan Abdula
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) се вакцинирани над 400.000 граѓани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на министерството, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Се наведува дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 494.389 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 400.235 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.377 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.590 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 640.886 дози вакцини, а ревакцинирани се 240.651 граѓани. Со последните бројки 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 39 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација, додека се вакцинираат возрасните лица, граѓаните кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата „vakcinacija.mk“, а се вакцинираат и лица вработени во критичната инфраструктура.
„Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“ како најлесен и најбрз пат до вакцинација.