Abdula Berisha
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Универзитетскиот професор, д-р Мишо Докмановиќ, е добитник на Државната награда „Гоце Делчев“ за 2022 година, што се доделува за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со свечена церемонија одржана во Собранието, која започна со интонирањето на химната на Република Северна Македонија, д-р Докмановиќ ја доби наградата за делото „Сами на своето – кратка историја на македонската независност (1990 – 1993)“.
Во својот говор пред присутните, тој истакна дека најголемиот дел од настаните раскажани во книгата се случувале токму во Собранието.
„Денес, во услови кога заканата од војна во Европа е повторно присутна, национално предавство не е и не може да биде обидот да правите сѐ што можете вашата земја конечно да го заземе [своето место] во европското семејство на народи, кое го заслужува и толку долго го очекува. Во таа мисија, ова Собрание и оваа Влада, како и секое идно собрание и влада, секогаш може да сметаат на потенцијалот на македонската наука“, рече Докмановиќ.
Д-р Мишо Докмановиќ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој е автор и коавтор на преку 70 научни и стручни трудови, објавени во референти списанија во земјата и странство.
Покрај доделувањето на наградата, претседателот Стево Пендаровски денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Црквата „Свети Спас“, по повод 119-годишнината од неговата смрт.
Исто така, цвеќе положија и делегации од Владата и од Собранието на Северна Македонија.