Furkan Abdula
09 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
СКОПЈЕ
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Грција за изградба на интерконекторот за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение објавено на својот фејсбук-профил ја потврди премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.
Претседателот на Владата на Северна Македонија нагласи дека со договорот се гарантира намерата на владите на двете земји да ја прошират соработката во секторот за гас, преку промовирање на интерконекцијата на гасните системи.
„Ова е голем чекор напред кон поразвиена енергетска инфраструктура на нашата држава и во регионот и придонес кон обезбедувањето разновидност во снабдувањето со природен гас. За нас, една од главните предности од изградбата на интерконекторот е подобрувањето на сигурноста во снабдувањето и ликвидноста на пазарот на гас во Северна Македонија и снабдувањето со гас од Јужниот коридор“, напиша Заев.