Shpetim Hiseni
30 Април 2026•Ажурирај: 30 Април 2026
Министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија, Стефан Андоновски, се сретна во Загреб со хрватскиот министер за правда, јавна администрација и дигитална трансформација, Дамир Хабијан, при што беше разговарано за унапредување на соработката во областа на дигитализацијата и модернизацијата на јавните услуги, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Министерството за дигитална трансформација, на средбата беа разменети искуства за развојот на дигиталните услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите.
Беше нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.
Посебен акцент беше ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи — DMS. Министерот Андоновски истакна дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација.
„Дигиталната трансформација е основа за подобри, побрзи и подостапни услуги за граѓаните. Хрватското искуство во областа на е-архивата, податочните центри и дигиталните услуги претставува значаен пример на кој можеме да се угледаме и да развиваме конкретна соработка“, истакна министерот Андоновски.
На средбата беше разговарано и за можноста за организирање обуки, размена на експерти меѓу двете земји, како и за соработка преку твининг-проектите и европските механизми за поддршка на дигиталната трансформација.
Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на Форумот на Меѓународната демократска унија (ИДУ).