James Tasamba
31 Август 2026•Ажурирано: 31 Август 2026
Потврдените случаи на ебола во Демократска Република Конго денес надминаа 6.000, откако властите ги интензивираа напорите за спречување на епидемијата, покажаа официјалните податоци, јавува Анадолу.
Конго пријави 6.041 случај, вклучувајќи 2.911 смртни случаи, откако епидемијата беше прогласена кон средината на мај, според најновото ажурирање на состојбата од Министерството за здравство.
Најмалку 1.366 лица се излекувани, додека 619 пациенти се во изолација или во болница.
Најновата епидемија на ебола во Конго е втора по големина во светот по регистрирани зарази, според Светската здравствена организација (СЗО).
Епидемијата, предизвикана од вирусот бундибугио, зафати 60 здравствени зони во шест провинции: Горен Уеле, Итури, Северен Киву, Јужен Киву, Бас-Уеле и Тшопо.
Министерството соопшти дека напорите за одговор остануваат концентрирани во областите со активен пренос, со посебно внимание на Итури, каде што има најголем број заразени.
Зголемувањето на бројот на заразени и пошироката географска распространетост во текот на изминатите три месеци претставуваат „значителен раст “ на обемот на епидемијата, според СЗО.
Владата започна кампања за вакцинација против ебола за здравствените работници и вработените во итните служби.
Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемија (CEPI) минатата недела објави ново партнерство од 16,5 милиони долари со африканската биофармацевтска компанија Групацијата Минафарм за развој на нејзината вакцина против бундибугио.