Abdula Berisha
26 Јули 2023•Ажурирај: 27 Јули 2023
СКОПЈЕ (АА) - Како дел од активностите за одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, во Музејот на современата уметност на Северна Македонија се одржа манифестација на која беше отворена дигиталната изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“, јавува Анадолу.
На дигиталната изложба, која е дел од манифестацијата „Скопје во пет и седумнаесет - 60 години земјотрес“, присуствуваа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претставници на извршната, законодавната и локалната власт, како и поголем број дипломатски претставници и други поканети.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање рече дека земјотресот што се случил во 1963 година во Скопје претставува огромна човечка интимна загуба и колективна траума.
Пендаровски истакна дека луѓето покажуваа дотогаш невидена грижа едни за други, додавајќи дека светот идеолошки поделен на исток и запад се обедини во помошта и солидарноста со настраданите.
„Меморијалот за 60-годишнината од земјотресот би сакал да му го посветиме токму на значењето на човечноста и на волјата на луѓето да ги премостуваат сите искушенија и да имаат капацитет и повредени да ги прескокнуваат замките и оградите на патот", рече Пендаровски.
Тој додаде дека земјотресот ги преобликувал економските, политичките и културните структури на градот.
Во името на дипломатскиот кор, обраќање имаше амбасадорот на Полска, Кшиштов Гжелчик, како претставник на земјата со чија донација е изграден Музејот на современата уметност.
„Овие напори за реконструкција се и едни од најсветлите примери на меѓународната соработка. Вреди да се потсетиме дека Обединетите нации создадоа специјална програма за обнова на Скопје, предводена од полскиот архитект Адолф Циборовски", рече амбасадорот Гжелчик.
Во текот на настанот, министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, им додели благодарници на дипломатските претставници од земјите донатори по катастрофалниот земјотрес. Во името на Туркије, наградата ја прими заменик-амбасадорот Мухамед Челиккаја.
- Земјотресот во Скопје
На 26 јули 1963 година во 5:17 часот Скопје беше разурнато од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, со траење од 20 секунди. Под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, а биле повредени над 4.000.
Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, по долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 стана, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава.
Старата железничка станица, која денес е Музеј на Град Скопје, претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата засекогаш е запрен на фаталните 05:17. Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнале да пристигнуваат и помош и спасувачки екипи од вкупно 87 нации од целиот свет.