Abdula Berisha
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владина делегација предводена од премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на настанoт организиран во стручното средно училиште „Здравко Цветковски“ по повод започнување на кампања за промоција на средното стручно образование под мотото „Снајди се со стручно", јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, министерот за образование Арбер Адеми, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и дипломатските претставници присуствуваа на панел-дискусија за важноста на средното образование, а потоа ги погледнаа видеата подготвени за промотивната кампања што ќе бидат емитувани во домашните медиуми и на социјалните мрежи.
Во изјава за медиумите, премиерот Заев рече дека преку 5 пилот-проекти кои што се реализираат во земјата се обидуваат да ги квалификуваат и насочуваат младите луѓе според потребите на пазарот на трудот уште од средното образование.
„Денес имавме можност овде и да дискутираме, но и да ни се направи една презентација што тоа нашите млади луѓе, децата во средното стручно образование учат. Видовме повеќе дејности. Дефинитивно ова е една од иднините кон кои што ќе можеме да ги насочиме младите луѓе", рече Заев.
Премиерот на Северна Македонија исто така рече дека владата е посветена на обука, квалификација и вработување на младите луѓе, додавајќи дека доколку не се размисли навремено за ова прашање, тоа ќе биде пречка за идниот развој.
Покрај заложбата на владата, Заев го повика приватниот сектор и понатаму да соработува во стручната квалификација на младите.
Премиерот Заев зборуваше и за критиките што се појавија во јавноста во Северна Македонија против Франција поради неотпочување на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ).
Заев се огради од критиките и рече дека секој има обврска да се грижи за пријателството со стратешките партнери на земјата, додавајќи дека Франција е исто така еден од стратешките партнери на Северна Македонија.