Admir Fazlagic
25 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на првата сесија од заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет, посветена на операциите и мисиите на Алијансата, министерката Шекеринска вчера попладне во Брисел имаше билатерални средби со своите колеги, министрите за одбрана на Грција, Никос Панагиотопулос, и на Естонија, Јури Луик, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, на средбата со новиот грчки министер за одбрана, Панагиотопулос, истакна дека двете држави треба да градат блиски билатерални односи и дека соработката во полето на одбраната ќе придонесе за тоа. Во соопштението се наведува дека „двајцата министри го поздравија спроведувањето на мисијата „Ер полисинг“ од страна на грчкото воздухопловство, за што началниците на генералштабовите на армиите минатиот месец потпишаа и Технички аранжман“
.„Преспанскиот договор ги отвори вратите за членство во НАТО, а реформите го обезбедија. И Северна Македонија и Грција имаат исти интереси – безбеден, стабилен и економски сигурен регион“, истакна министерката, која се заблагодари за грчката поддршка за отворање на пристапните преговори на неодамнешниот Самит на ЕУ.
Грчкиот министер Панагиотопулос порача дека двете земји со меѓусебна почит и со добра волја имаат шанса да изградат подобра иднина за своите граѓани. „Договорот за соработка во одбраната“, истакна тој, „отвора многу можности за соработка и припадниците на двете армии ќе можат подобро да се запознаат, да вежбаат и да се усовршуваат заедно, како сојузници“. Панагиотопулос се согласи дека за Балканот да биде мирен и стабилен потребно е да има искрени и добри односи помеѓу соседите.
На средбата со естонскиот министер за одбрана, Јури Луик, министерката се заблагодари за брзата ратификација на Пристапниот протокол од страна на официјален Талин, и истакна дека овој процес продолжува да се движи со исклучителна брзина – парламентите на 26 земји членки веќе го завршија ратификацискиот процес.
Министерот Луик порача дека Естонија со нетрпение го чека денот кога Северна Македонија ќе биде полноправен член на НАТО, а во контекст на Европската Унија додаде дека земјата требаше да добие позитивна одлука и дека ова е само фаза која ќе биде надмината.
„Министерката Шекеринска на заедничкиот состанок на министрите за одбрана на земјите – членки на НАТО, посочи дека Северна Македонија е целосно посветена на вредностите на Алијансата, како и на учеството во мисии и операции предводени од НАТО. На состанокот, министерката се заблагодари за доследноста на Алијансата и за брзата ратификација на Протоколот за членство во НАТО, кој помина во парламентите на 26 земји членки“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Состаноците на министрите за одбрана во Брисел, на кои учествува министерката Шекеринска, продолжуваат денеска.