Furkan Abdula
26 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) постигнаа согласност за зголемување на платите во основното и средно образование и во детската заштита, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, овој договор вклучува согласност за почеток на наставата и почеток на работата на градинките од среда, 27 април, откако претставниците на претседателството на СОНК и регионалните советници ќе ги информираат вработените во образованието и во детската заштита за постигнатиот договор.
„Низ отворен дијалог, на состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, и на кој учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, со СОНК претставен од претседателот Јаким Неделков, придружуван од членови на синдикатот и од Сузан Флокен, директорка на Европската конфедерација на синдикати за образование, постигната е согласност за покачување на платата во образованието и во детската заштита за 12%, кое ќе биде реализирано со ребалансот на Буџетот и започне да се применува со јулската плата“, се вели во соопштението.
Договорот меѓу Владата и СОНК вклучува и заедничка соработка на креирањето на методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на оваа година и којашто ќе се применува од 2023 година, а која ќе е предмет и на општиот колективен договор.
Исто така, Владата и СОНК се договорија како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор да биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, кој ќе започне да се исплаќа од 2023 година, откако претходно ќе биде потпишан општиот колективен договор со јавниот сектор.
Инаку, од 11 април СОНК одржуваше штрајк во основните и средни училишта, како и во детските градинки со барање за зголемување на платите за 18,4 отсто, односно нивно усогласување со зголемувањето на минималната плата, која со владина одлука беше зголемена од 15.200 на 18.000 денари.