Ivana Ramadanova
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
СКОПЈЕ АА - Со двочасовна блокада на работата службениците од повеќе судови низ Скопје и Македонија го изразија своето незадоволство од законските одредби. Тие побараа судската служба посебно да се регулира, јавува Anadolu Agency (AA).
Од таму порачаа дека доколку надлежните не се произнесат по овој предупредувачки штрајк, понатаму ќе преземат и други мерки.
“Мора да се изменат рестриктивните и демотивирачките одредби од Законот за судска служба. Се додека тоа не се случи, ќе преземаме и други мерки кои ни ги дава Законот, за да ги оствариме нашите права”, вели Трпе Дејановски - генерален секретар на УПОЗ.
Службениците велат дека се соочуваат со лоши услови за работа, потенцирајќи дека не се цени професионалноста, туку партиската припадност на оној што конкурира за работа.
"Навистина има притисок врз вработените. Работата ние си ја извршуваме професионално, и сега ќе дојде оценување, па потоа доаѓаат и казни. Во судството има многу неправилности, се надевам дека со овој штрајк малку ќе ги поттикнеме и власта ќе има разбирање. Има партизираност, тоа е за жал најголемата болка, но се надевам дека ќе се искоренат тие работи. Квалитетот не се гледа, се гледаат партиските книшки. Професионалниот административец не е третиран како што треба, тука е најголемата грешка" , вели еден од административците.
Протестот доаѓа по неуспешната срдеба со министерот за правда за да се смени законот. Законот за судска служба е на сила девет месеци, а неофицијално, е оспорен и пред Уставниот суд.