Северна Македонија ја одбележа петгодишнината од членството во НАТО
- По повод годишнината од членството во воениот сојуз се одржа свечена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје.

СКОПЈЕ
Со свечена церемонија, Северна Македонија денеска ја одбележа петгодишнината од членството во НАТО, јавува Анадолу.
По повод годишнината од членството во воената алијанса, во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост на која се обратија претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и командантот Адмир Штунд, а присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, претставници од воено-дипломатскиот кор во земјава и други гости.
Претседателката Силјановска-Давкова во своето обраќање рече дека влогот во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, „во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република“.
Според Силјановска-Давкова, геополитичката криза низ која поминува светот прави неопходно да има поголеми инвестиции во одбраната и напредните технологии.
„Затоа како држава, мораме да инвестираме за македонската одбрана и безбедност. Ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации“, изјави претседателката.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Лафчиски, истакна дека годишнината од членството на земјата во НАТО не само што ја покажува посветеноста на земјата на колективната безбедност, туку е и одраз на непоколебливата посветеност на земјата кон демократските вредности, слободата и стабилноста.
„Пред пет години исполнивме една од нашите најзначајни стратешки цели“, изјави Лафчиски, истакнувајќи дека патот до членството во НАТО не беше лесен.
Министерот за одбрана Мисајловски рече дека НАТО не е само воено-политички сојуз и организација која ги штити надворешните граници на земјите членки, туку е „сојуз кој и покрај сите различни гледишта на многу теми има една заедничка суштина – грижата едни за други“.
Адмиралот Мунш од своја страна рече дека Северна Македонија повеќе пати покажала дека е силен и способен сојузник и придонесувач.
По обраќањата, на војниците им беа доделени медали за учество во мисија, а потоа се одржа и воена вежба.
Пред говорите со едноминутно молчење им се оддаде почит на жртвите од пожарот во Кочани на 16 март, во кој животот го загубија 59 лица.
Пристапниот протокол меѓу НАТО и Северна Македонија беше потпишан на 6 февруари 2019 година. Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.