Furkan Abdula
24 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
СКОПЈЕ
Владата на Северна Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина со препорака за придружување на Северна Македонија кон сите одлуки на ЕУ за овој вид рестриктивни мерки, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија на ЕУ во Брисел да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година досега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.
Според соопштеното, на оваа седница Владата ја разгледа и информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјаните на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивната евакуација од Украина.
„Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата“, се додава во ова соопштение.