Ömer Tuğrul Çam
06 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија го осуди обидот за насилно преземање на власта во Гвинеја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го осудувам обидот за насилно преземање на власта во Гвинеја“, порача на социјалните мрежи претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Истакнувајќи го приоритетот на мирот и дијалогот во зачувувањето на демократијата, Мишел рече дека државните институции треба да се зачуваат и да се осигури безбедноста на претседателот Алфа Конде.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, исто така, го осуди „присилното преземање на власта“.
Борел побара итно ослободување на Конде и почитување на владеењето на правото.
Пукотници се слушнаа вчера наутро во регионот Калум, што е дом на Претседателската палата „Секутуреја“ и административната зграда во Конакри, главниот град на Гвинеја.
Мамади Думбуја, началник на специјалните сили во Гвинеја, и група војници се појавија во живо на државната телевизија. Думбуја рече дека го укинале Уставот, ја распуштиле Владата и институциите и дека ќе подготват нов устав со учество на граѓаните што е можно поскоро.
Думбуја во видеото споделено на Твитер во текот на денот рече дека претседателот Конде е во нивни раце.
Познато е дека Думбуја сакаше неговата единица да стане независна со напуштање на Министерството за одбрана и извесно време имаше сериозни проблеми со досегашната влада.
По извесно време служење во француската Легија на странци, Думбуја беше назначен за началник на Специјалните сили на Гвинеја во 2018 година, основани од претседателот Конде.
Пред овој пуч, на 19 јули 2011 година, беше извршен обид за државен удар врз претседателот Конде, кога беше извршен ракетен напад врз неговата резиденција.
На 18 октомври 2020 година, Конде беше избран за претседател по трет пат, со 59,49 отсто од гласовите.
Конде, кој првпат беше избран за петгодишен мандат во декември 2010 година со првата промена на демократската влада од независноста на земјата во 1958 година, беше повторно избран за претседател во 2015 година.
Во земја каде што претседателот може да ја извршува таа функција најмногу два последователни мандати, на 22 март 2020 година се одржа референдум за уставни измени што му овозможија на Конде, чиј втор мандат заврши во декември 2020 година, да го добие третиот мандат.
Кандидатурата на Конде за трет мандат стана најдискутираната тема во земјата во последните месеци.