Zülfiya Yakup
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денес во Приштина изјави дека ЕУ не е фер кон Косово и дека неговата земја ја поддржува визната либерализација за косовските граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Сијарто, по состанокот со првиот заменик-премиер на Косово и министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, истакна дека Косово ги исполнило бараните 95 критериуми, и дека затоа сега не е фер од ЕУ да бара некои нови услови.
„Не сакаме ЕУ да го остави Косово да чека. Постојат 95 услови кои се исполнети и Унгарија останува силен поддржувач на визната либерализација. Го почитуваме австриското претседателство кое го стави ова на дневен ред и Унгарија ќе гласа во корист на визната либерализација“, порача Сијарто.
Тој изјави и дека Унгарија го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија, и дека ќе го почитува секој договор кој ќе го поддржат двете страни.
„Ние сме лоцирани во соседството на Западен Балкан и затоа можеби е подобро од другите западни европски пријатели да разбереме што значи да се има или да се нема стабилност во регионот. Стабилноста и мирот на Западен Балкан за нас се од витално значење, бидејќи разбираме дека заклучувањето на Договорот со Србија е камен-темелник за долготрајна стабилност. Ви држиме палци и се надеваме дека ќе бидете успешни“, изјави Сијарто.
Унгарскиот дипломат додаде дека за неговата земја стабилноста во регионот е особено важна од аспект на движењето на мигрантите, бидејќи не би сакале да се повтори 2015 година кога се случи масовното движење на мигрантите кон Унгарија. Тој, исто така, рече дека во Косово има 400 војници во КФОР и дека сакаат да го зголемат нивниот број. Истакна дека неговата земја, исто така, ќе се кандидира за позицијата командант на КФОР.
Кога станува збор за економската соработка, тој рече дека досега неговата земја му дала на Косово 62 милиони евра помош за инфраструктурни проекти и за регулирање на водата, а дека денес е потпишан и договор за зголемување на безбедноста на автопатот и другите национални патишта на Косово.
Сијарто изјави дека Унгарија води преговори за контрола на воздушниот простор над Косово, но дека сака и да пружи помош на Косово и самото да биде способно за контрола на воздушниот сообраќај.
Првиот заменик на косовскиот премиер, Пацоли, рече дека Косово е заинтересирано да се забрза економската соработка со Унгарија.
Тој истакна дека досега се потпишани повеќе договори меѓу двете земји за економска соработка, за царински, стоковни и патнички транспорт, и дека Договорот за стабилизација и асоцијација (SSP) обезбедува слободна трговија со Унгарија.
„Имаме многу договори со Унгарија, а денес е потпишан договор меѓу Министерството за инфраструктура на Косово и унгарскиот оператор, кој ни овозможува понатамошна плодна соработка. Со реализација на овој договор вреден речиси 5 милиони евра, ќе имаме побезбедни патишта и побезбедно движење“, рече Пацоли.
Унгарскиот шеф на дипломатијата, на крајот, одговарајќи на прашањата на новинарите, изјави дека барањето за азил на пребегнатиот поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски, ќе биде разгледано во согласност со законските одредби, и повтори дека за неговата земја тоа не е политичко, туку правно прашање.
„Тоа е правно прашање, не политичко. Релевантните институции за миграција, ќе продолжат со процедурата во согласност со меѓународното право и ќе го видиме резултатот на тоа“, изјави Сијарто.