Сиљановска-Давкова: „Стабилноста на европскиот континент зависи и од Истокот, вклучително и Западен Балкан“
- Во обраќањето во законодавниот дом Сиљановска-Давкова рече дека Европската Унија е „најпосакуваниот демократски политички систем и наш дом“, но упати критика поради однесувањето на ЕУ кон земјите на Западен Балкан
СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето годишно обраќање во Собранието ja потврди нејзината цел за градење европска земја со демократски политички систем, јавува Анадолу.
Во обраќањето во законодавниот дом Сиљановска-Давкова рече дека Европската Унија е „најпосакуваниот демократски политички систем и наш дом“, но упати критика поради однесувањето на ЕУ кон земјите на Западен Балкан.
Таа рече дека ЕУ-доктрината „единство на различности“ не може да важи само за нејзините членки туку мора да важи и за кандидатите, „па и за кандидатите за кандидати“.
„Во спротивно, ниту има преговори ниту има разговори. Има еврократија изразена во формулата: ‘Слушај, молчи и извршувај’ оти имам неограничено право на вето!“, додаде Сиљановска-Давкова.
„Стабилноста на европскиот континент зависи и од Истокот, вклучително и Западен Балкан, како геополитички ентитет“, изјави таа.
Сиљановска-Давкова, исто така, рече дека Балканот е природен дел од Европа, додавајќи дека ЕУ-членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, „што трајно ќе овозможи крај на заканата и дестабилизацијата, односно од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир“.
Понатаму таа посочи дека цел на европските реформи не е само промена на законите туку промена на реалноста, промена на секојдневјето на македонските граѓани.
„Реформите не ги правиме за бриселските бирократи, туку за македонските граѓани. Наша цел е да изградиме праведно и напредно македонско општество“, рече претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.
Претседателката повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозициjата околу заедничките државни интереси.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.