Husamedın Gına
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Близначињата Анастасија и Габриел се првите бебиња родени во 2020 година на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Анастасија е родена во 00:01 часот, тешка 2360 грама и долга 47 сантиметри. Габриел е роден во 00:03 часот, тежок 1760 грама и долг 46 сантиметри.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, денеска ја посетија мајката Снежана Рунтева од Скопје.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во изјавата за медиумите веднаш по посетата на мајката рече дека навистина е убаво што годината ја започнале со новост, а тоа се нови деца, затоа што тие се иднината на нашата држава.
„Тие имаат две дечиња, и нашата држава има плус две дечиња и тоа само неколку секунди по поминувањето или влегувањето во 2020 година. Но уште поважно, сакам да потенцирам дека првото дете од близначињата е девојче. Јас очекувам 2020 година да биде успешна, позитивна и со женска енергија“, нагласи Мила Царовска.
Истакнувајќи дека оваа година имаат специфична ситуација, досега невидена на клиниките, првите бебиња родени во 2020 година да се близначиња, брат и сестра, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека им посакува да имаат среќно детство, многу здравје и среќа.
Заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, наведувајќи дека со почит и задоволство ја посетил мајката на првите родени деца во Новата година, рече дека чинот на раѓање симболизира нов почеток, нов живот и надеж за светла иднина.
Министерството за труд и социјална политика на мајката на новороденчињата ѝ подари златник од 6 грама, а Град Скопје, покрај две мечиња за децата, и парична награда за двете по 20 илјади денари.