Haris Suleyman
18 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавно здравје на Република Македонија организираше пленарна сесија со работилница за процена на ефектите од загадениот воздух врз здравјето на луѓето во Скопскиот регион. Според Институтот за јавно здравје, Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, особено ако се земат предвид концентарциите на честичките ПМ 2,5, кои се поопасни за здравството на луѓето, јавува Anadolu Agency (АА).
Според Драган Ѓорѓев, од Институтот за јавно здравје, ако во Букурешт и во Будимпешта концентрациите на честичките ПМ 2,5 на годишно ниво достигнува 30, односно 40 микрограми, Скопје има дури 70 микрограми честички ПМ 2,5 на годишно ниво. Ѓорѓев истакна дека тоа е речиси двапати повеќе од најблискиот европски град.
Според истражувањата на Институтот за Јавно здравје на Република Македонија, во последните 3 години се покажало дека аерозагадувањето, односно болестите што се последица од аерозагадувањето, на целата територија на земјата се околу 30 до 35%. Според истражувањето, во текот на овие години, 1.300 лица на годишно ниво го загубиле животот поради аерозагадувањето.
„Ова покажува дека е голем товарот на оние болести што се поврзани со аерозагадувањето. Тоа се исхемичната болест на срцето, мозочниот удар и ракот на белите дробови. Трите болести коишто во голема мера можат да се поврзат и со аерозагадувањето се водечка причина за смрт во Македонија“, истакна Ѓорѓев.
На оваа работилница гостуваа и членови од Институтот за јавно здравје на Финска, кои се и координатори на твининг-проектот на ЕУ во Македонија.
Според Ото Ханнинен од финскиот Институт за јавно здравје, меѓу главните решенија за намалување на честичките ПМ 2,5 што биле успешни и во Финска, се централното парно греење, развојот на сообраќајот, и во индустрискиот сектор да се намалат емисиите на загадувачките супстанции, особено на сулфурот.
Честичките ПМ 2,5 имаат аеродинамична форма и нивни најголеми извори се индустријата, јагленот и прашината донесена со помош на ветерот.
Според експертите, честичките ПМ 2,5 се многу поризични во однос на честичките ПМ 10. Од тој аспект, најранливи кон ПМ 2,5 се децата, трудните жени и луѓето што страдаат од хронични болести.