Admir Fazlagic
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стотина граѓани вечерва протестираа пред Собранието на Република Македонија против усвојувањето на Предлог законот за употреба на јазиците за кој овие денови расправаат пратениците во Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Иницијатори и организатори на протестот се граѓанските здруженија „Тврдокорни", Светски македонски конгрес, како и други здруженија кои побараа Владта да го повлече Предлог законот за употреба на јазиците. Претставниците на овие здруженија велат дека Законот за употреба на јазиците е „неуставен, не е европски и ги руши унитарноста и територијалниот интегритет на државата, ја редефинира државата и ги дискриминира помалите етнички заедници."
„Бараме реципроцитет во односите помеѓу Македонија и Албанија. Ги поттикнуваме владите на договор за траен мир и добрососедство, меѓу Македонија и Албанија и декларација за историско македонско-албанско помирување, но врз меѓународен принцип на еднаква сувереност, заемно почитување, соработка и немешање во внатрешните работи", рече пред собраните граѓани Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.
Тој ги повика пратениците во Собранието, од власта и опозицијата, да не гласаат за прифаќање на Законот за употреба на јазиците.
Петров истакна дека само референдумот е единствено решение за излез, од како што рече „уставната блокада од Република Македонија", наведувајќи дека не постои законска забрана за распишување на референдум од страна на Собранието доколку истиот го предложат 150 илјади избирачи, граѓани на Република Македонија.
Собраниската Комисија за политички систем во понеделник ја почна расправата за Предлог-законот за употреба на јазиците, откако претходно, минатата недела, Комисијата за европски прашања го помина законот во прво читање.
Предлог законот за употреба на јазиците предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.