Abdula Berisha
22 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија, под покровителство на првиот вицепремиер, Артан Груби, организираше свечена академија по повод 114-годишнината од Битолскиот конгрес, јавува Агенција Анадолија (АА).
На централната манифестација по повод Денот на албанската азбука присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, дипломати, претставници од владиниот кабинет, локалната власт и други политички лидери.
Првиот вицепремиер Груби со честитки и обраќање ја прогласи манифестацијата за отворена.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање рече дека албанскиот јазик не е неговиот мајчин јазик, но дека ќе се залага во земјата да не биде загрозен ничиј мајчин јазик.
„Јазикот не е само средство за комуникација со кое ќе се разбереме. Тој е дел од нашиот идентитет и од нашиот генетски код. Чинот на уважување и почитување на јазиците покажува еден европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање во светот. Албанскиот јазик не е мој мајчин јазик, но албанскиот јазик е мој братски јазик“, рече Ковачевски.
Претседателот на Собранието, Џафери, истакна дека унифицираната албанска азбука била силен поддржувач на националниот идентитет и политичката независност на албанскиот народ.
„Јазикот е богат и вреден толку колку што се зборува, пишува, збогатува и се шири во светот. Тоа ќе го направиме само ако продолжиме со реформи за почитување на универзално прифатените вредности и стандарди кои се природни норми во европското семејство, а сите имаме цел наскоро да станеме дел од него“, нагласи Џафери.
Обраќање имаше и претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, кој упати честитки по овој повод.
За потсетување, Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со одредени промени.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Денот на азбуката.