Husamedin Gina
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на државниот и армискиот врв денеска се одржа централна свеченост по повод 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста, по повод 28 години од постоењето на Армијата, свое обраќање имаа преседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерската за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Пред присутните гости на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, преседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, потсети дека Северна Македонија оваа година стана 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави.
„Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко општество“, нагласи претседателот Пендаровски.
Истакнувајќи дека во остварувањето на стратешката цел, Северна Македонија ја имаше конзистентната подршка на членките на НАТО, Пендаровски рече дека меѓу нив посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави (САД), од независноста до денес.
Пендаровски додаде дека САД континуирано помагаат да се изгради стабилна, сигурна и просперитетна Армија и држава, и истакна дека токму затоа денес ја одликува со орден за воени заслуги Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.
Според него, орденот е симболичен израз на благодарноста на македонските граѓани кон САД и пријателскиот американски народ за сета поддршка во сите изминати децении.
Пендаровски, исто така, потенцираше дека без доверба во институциите ја ризикуваме националната безбедност и дека ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и политичарите креираат идеален амбиент за нови начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека со членството во НАТО, Северна Македонија е опкружена со сојузници којшто ги споделуваат вредностите, надежите и аспирациите на Северна Македонија.
„За првпат во историјата на нашата татковина успеавме да забележиме успех кој ја помести нашата држава напред и ѝ ги отвори перспективите. Од зборови и надежи направивме резултат“, нагласи Шекеринска.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека денес се одбележува 28-от роденден на Армијата, првата година како полноправна членка на НАТО, и рече дека членството е бенефит и привилегија на секое демократско општество.
Одбележувањето на Денот на Армијата започна со почесна артилериска стрелба и со интонирање на химните на Северна Македонија, на НАТО и на Армијата.