Edıta Zekjırovıc
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископот охридски и македонски г.г Стефан, и поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот српски Порфириј, одржаа заедничка литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката литургија присуствуваа владици на МПЦ-ОА и СПЦ, како и голем број верници.

Поглаварот на СПЦ, патријархот српски Порфириј, рече дека љубовта на верниците ги надминала искушенијата и им покажала на народите дека едни на други се потребни, дека едни без други не можат.
„А сега ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно и одлучно излезе во пресрет на молбата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалноста на МПЦ-ОА“, рече српскиот патријарх Порфириј.
Поглаварот на МПЦ г.г Стефан рече дека овој историски период претставува празник за сите христијани.

„Овој историски период е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на националното потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ“, истакна поглаварот г.г. Стефан.
Тој денес го најави сослужението со патријархот Вартоломеј.
„Еве, ни пристигна уште една радост, примено е нашето благодарствено писмо, па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија“, рече архиепископот Стефан.
Потсетуваме, на 9 мај оваа година Светиот синод на Вселенската патријаршија на своето заседание под претседателство на патријархот Вартоломеј донесе одлука со која ја признава Охридската архиепископија за канонска.
Оваа одлука не значеше томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на Македонската православна црква (МПЦ), туку претставуваше објава дека црквата повеќе не е во раскол со православниот свет.
Неколку дена по признавањето, на 19 мај, во Белград, српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, со архиереите на двете цркви, одржаа литургија на помирување.
Како што беше истакнато тогаш, со литургијата по 55 години повторно е воспоставено литургиско и канонско единство помеѓу МПЦ и СПЦ.