Admir Fazlagic
17 Август 2017•Ажурирај: 18 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со 64 гласa „за“ и ниту еден против и воздржан, Собранието на Република Македонија денеска попладне, на продолжението на шестата седница го разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, јавува Anadolu Agency (AA).
На гласањето не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Пред гласањето тие ја напуштија седницата, бидејќи, како што рекоа, не се согласуваат со одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да не го прифати мислењето на Антикорупциската комисија дека разрешувањето е незаконско.
Пред оваа седница, Џафери ја отвори осмата седница, на којашто пратеникот Илија Димовски од опозициската ВМРО ДПМНЕ му посочи на Џафери дека Антикорупциската комисија доставила мислење според коешто евентуалното разрешување на обвинителот Зврлевски би било незаконско.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на пратеникот Димовски му соопшти дека единствено Законодавно-правната комисија може да врши автентично толкување на законската норма. Џафери рече дека Државната комисија за спречување криминал може да даде мислење, но тоа не е обврзно. Единствен државен орган кој може да укине одлука на Собранието е Уставниот суд на Република Македонија.
По своето излагање, Џафери ја затвори осмата седница и ја отвори шестата, којашто беше завршена со чинот на гласање за разрешување на Зврлевски, по 12 продолженија на дебатата.
Предлогот на владата за негово разрешување беше ставен на расправа во собранието на 12 јули, а дискусијата траеше до вчера, кога пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од понатамошна дебата.