Nazmi Abduramani
30 Декември 2016•Ажурирај: 31 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија денес ја одржа својата прва конститутивна седница, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата присуствуваа 118 од 120. избрани пратеници, а со неа претседаваше собранискиот претседател во заминување Трајко Вељаноски, а за заменици на претседавачот со седницата беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.
Вељаноски ги стави точките на дневниот ред, избор на претседател и членови на Верификационата комисијата. За претседател беше избран Влатко Ѓорчев, а членови Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити.
На почетокот на седницата се обрати Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, кој во процедурална забелешка рече дека Вељаноски не треба да претседава со седницата заради тоа што и според праламентарната пракса и според Деловникот, со неа треба да раководи најстариот пратеник.
Вељаноски во својот одговор рече дека постои разлика во пракса и во спроведувањето на оваа регулатива. Мандатите на пратениците беа верификувани со 110 гласови.
По верификацијата на мандатите, Вељаноски ја прекина седницата, бидејќи до нејзиното одржување немаше предлог од десет пратеници за формирање на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како што е предвидено. Седницата ќе биде закажана, како што рече Вељаноски, кога ќе се создадат деловнички услови за тоа и ги повика овластените претставници на партиите да номинираат членови на Комисијата за избори и именувања. На тоа прво продолжение на оваа седница треба да биде избран и претседател на Собранието.
Зекерија Ибраими од Движењето „БЕСА" побара Извештајот од ДИК да биде преведен на албански јазик, и побара да не му биде верификуван мандатот на Јохан Тарчуловски, зато што, како што рече, тој е Хашки осуденик. Претседавачот со седницата Вељаноски кажа дека Извештајот е веќе преведен од службите, како и дека сите документи во Парламентот се преведуваат.
Во однос на барањето за Тарчуловски, Вељаноски посочи дека е потребно да се посочат правнички и Деловнички пречки, и дека не може да се бара нешто само врз основа на тоа дали нему му се допаѓа или не.
На седницата, која има и свечен карактер, присуствуваа високи претставници на верските заедници, на судската власт, на МАНУ и дипломатскиот кор во земјава.
Деветтиот состав на Собранието на Република Македонија ќе има 120 пратеници.
Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, БЕСА - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.
Во овој состав на Собранието нема да има пратеници од дијаспората, бидјеќи никој од нив не освои доволен број на гласови.