Besar Ademi
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Новиот претседател на Собранието на Македонија, Талат Џафери, на денешната средба со претставниците на медиумите, која се одржа во неговата канцеларија, повтори дека претседателот Ѓорге Иванов треба да му го додели мандатот на лидерот на парламентарното мнозинство за да ја формира новата влада и оти нема друга алтернатива, јавува Anadolu Agency (AA).
Џафери нагласи дека тој како претседател на Собранието ја извршил својата должност за известување на претседателот дека е формирано парламентарното мнозинство и не е должен да го моли претседателот за да го додели мандатот за формирање на новата влада. Тој додаде дека според Уставот, претседателот на земјата нема право да бара нешто од парламентарното мнозинство, туку, како што рече тој, по волја или не, тој е должен да го додели мандатот, затоа што одбивањето на тоа е прекршување на Уставот на Република Македонија.
Новиот претседател на Собранието соопшти дека претседателот е известен на 9 мај, додека официјално писмото го добил на 10 мај. „Иванов има рок од 10 дена за да го додели мандатот, во спротивно“, рече Џафери, „парламентарното мнозинство има право без никаква пречка да ја формира новата влада, без мандатот на претседателот Иванов“.
Но, Џафери не ја отфрли можноста за инциденти или кршење на мирот од страна на демонстрантите на иницијативата „За заедничка Македонија“ во случај владата да биде формирана без мандатот на претседателот Иванов. Тој упати апел за мирни протести, за да не се повтори 27 април, и нагласи дека секој има право да протестира, но никој нема право да го спречи формирањето на новата влада од страна на парламентарното мнозинство, кое го претставува мнозинството на граѓаните на Македонија.
На средбата со новинарите, Џафери укажа и на потребата за решавање на прашањето на локалната самоуправа поради неодржување на локалните избори. Тој истакна дека пратениците сега се информирани и ова прашање бара итна хармонизација од страна на парламентарното мнозинство во врска со потребните промени во Изборниот законик, како и другите активности што се однесуваат на утврдената процедура во регулативите на Собранието.
Во однос на учеството на пратениците во инцидентот на 27 април, кога толпа демонстранти на иницијативата „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Собранието и ги нападнаа пратениците, Џафери нагласи дека ако пратеникот е обвинет за кривично дело до 5 години затвор, тогаш треба да му се почитува имунитетот, меѓутоа ако е обвинет со кривично дело со казна над 5 години затвор, тогаш парламентарното мнозинство има право да му го одземе имунитетот или мандатот.