Vesna Besic
10 Јули 2017•Ажурирај: 10 Јули 2017
ПОТОЧАРИ (АА) - Шефкет, Фадил, Решид, Mуниб, Дамир, Шемсо, Кадрија, Фикрет, Амир, Селим, Синан, Ибрахим, Сулејман ... Имиња на зелените ковчези, а над нив рацете на мајките, сестрите, татковците, браќата. .. Тежок е нивниот плач во салата на поранешната фабрика за акумулатори. Се збогуваат со своите најмили од кои се разделија пред повеќе од две децении, пишува Anadolu Agency(AA).
Бешлија Мујиќ на 11 јули ќе го закопа својот татко.
„Тој е убиен во 1995 година во Кравица. Го пронајдов оваа година. Ќе го погребам само черепот и две-три коски. Во 2003 година го погребав брат ми. Не можам да опишам како ми е“, рече Бешлија стоејќи покрај ковчегот на својот татко.
До зелен ковчег стои и Шевал Адемовиќ кој ќе го погреба синот Шефик. Тој имал само 16 години.
„Тој беше убиен во Кравица. Го пронајдов во 2012 година. Ми рекоа дека се пронајдени две коски. Молчев, не можев да им кажам ниту на сопругата, ниту на ќерката. Оваа година собрав сила и ја известив сопругата дека Шефик е пронајден. Сопругата не можеше да верува дека толку време сум молчел и трпел, веќе не можев да издржам“, рече Шевал.
Потоа, тие се одлучија за погреб. Овој татко во 2003 година го погреба и својот син Јусуф. Шевал со двата сина тргнал на „патот кон спасот“. По една заседа не можел да ги пронајде.
Тој рече дека да немало жив сведок за посмртните останки на Јусуф, никогаш не би го пронашол.
„Убиен е во заседа и фрлен низ камењата. Тоа го рече живиот сведок. Никогаш нема да го издадам", порача овој татко од Сребреница.
Меѓу 71 жртва кои оваа година ќе бидат погребани на заедничкиот погреб, има седум малолетници. Најмладата жртва, што ќе биде погребана на 11 јули е 15-годишниот Дамир (Кемал) Суљиќ, чии останки се пронајдени во масовната гробница во Братунац, а најстарата жртва е Алија (Хусо) Салиховиќ, роден 1923 година. Неговите посмртни остатоци се пронајдени во масовните гробници Зелени Јадар и Пусмулиќи.