Балкан

Состанок Вучиќ-Фиала: Чешка го поддржува патот на Србија во Европската Унија

„Земјите од Западен Балкан не може да останат пред врата“, порача чешкиот премиер

Alma Dekovic  | 06.11.2024 - Обновена : 07.11.2024
Состанок Вучиќ-Фиала: Чешка го поддржува патот на Србија во Европската Унија

БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во палатата „Србија“ се сретна со чешкиот премиер Петр Фиала, кој е во официјална посета на Белград, јавува Анадолу.

По средбата меѓу Вучиќ и Фиала беше одржан пленарен состанок на делегациите предводени од претседателот на Србија и премиерот на Чешка.

По состанокот Вучиќ рече дека со чешкиот премиер разговарале за актуелните настани во светот, Европа и регионот, европскиот пат на Србија, како и за билатералните односи и економската соработка.

Премиерот на Чешка рече дека неговата земја е посветена на продлабочувањето на соработката со Србија во нови области.

„Нашите компании се успешни и соработуваат во важни и стратегиски области, како што се администрацијата, телекомуникациите, фармацевтските производи, енергетиката и одбраната“, рече Фиала, додавајќи дека Србија има голем потенцијал.

Фиала изјави дека двете земји имаат заеднички предизвици и дека сакаат да бидат стратегиски независни во однос на другите земји и континенти.

„Ако го сакаме тоа, мора да го искористиме богатството што го имаме. Чешка и Србија имаат огромни резерви на литиум и ние сакаме да ги искористиме, да создадеме целосен синџир со додадена вредност, од батерија до финален производ“, изјави Фиала, додавајќи дека за Чешка е огромен предизвик промената во енергетската политика.

Тој посочи дека Чешка го поддржува патот на Србија кон ЕУ и оти „земјите од Западен Балкан не може да останат пред врата“.

Двајцата лидери разговараа и за најновите случувања, изборите во Соединетите Американски Држави, како и за ситуацијата во Европа.

„Изразив уверување дека традиционално добрите чешко-американски односи ќе продолжат да се развиваат. Што се однесува до Европа, веќе неколкупати реков, убеден сум дека таа мора повеќе да се грижи за својата безбедност, да ја прифати одговорноста и не може постојано да се ослонуваме дека сите проблеми наместо нас ќе ги решат САД“, нагласи Фиала.

Вучиќ оцени дека Србија има добри односи со Доналд Трамп и неговото опкружување.

„Верувам дека ќе може подобро да се слушне гласот на Србија, дека тие луѓе и нас ќе нѐ сослушаат. Со нив сочувавме пријателски односи и кога го изгубија мандатот и тоа е нешто поповолна ситуација за нас. За луѓето што очекуваат тектонски промени во американскиот однос кон Србија, сигурен сум дека нема да ги има. За мене е важно и многу прифатливо тоа што Доналд Трамп е деловен човек и тоа е важно за нашата земја, за сите што работат со САД и верувам дека нашите билатерални односи ќе бидат уште подобри“, изјави Вучиќ.

Тој изрази уверување дека новоизбраниот американски претседател Трамп ќе бара и ќе понуди решение за конфликтот во Украина.

„Верувам дека зборот 'мир' повеќе нема да биде толку омразен низ светот“, рече Вучиќ и додаде:

„Во овој момент руската армија е во голема офанзива и прашање е дали некој во Русија ќе сака тоа во овој момент да го запре. Мислам дека тоа е во интерес на сите страни, не само на украинската страна, што поскоро да се склучи одредено примирје и каков и мир, и тоа е во интерес на сите нас.“

Во присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Чешката Република, Петр Фиала, денес во палатата „Србија“ беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за економија на Србија и Министерството за индустрија и трговија на Чешка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.