Admir Fazlagic
20 Август 2020•Ажурирај: 22 Август 2020
КУМАНОВО
Република Србија гради жичена ограда во близина на границата со Република Северна Македонија, која би требало да ги оневозможи евентуалните илегални преминувања на границата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за оградата во близина на граничниот премин на Србија и Северна Македонија во јавноста ја соопштија локалните власти на Прешево, општина на југот во Србија, која се наоѓа во близина на оваа граница.
Според локалните власти во Прешево, оградата се поставува по иницијатива на Европската унија (ЕУ) со цел да се спречи масовно илегално преминување на граничната линија.
Од она што може да се забележи на лице место, столбовите со бодликава жица, односно оградата, е висока околу три метри, но колку ќе биде долга оградата се уште не е познато.
Во врска со поставувањето на оградата на овој граничен премин, од властите на Република Србија се уште нема информации.
Според невладините организации кои се бават со прашањата за бегалците и мигрантите, оградата која што ја поставува Србија нема да влијае врз бегалците и мигрантите затоа што и до сега имало ограда на пограничната линија, а се уште се забележувааат илегални преминувања на границата.
Во март 2016, Балканската рута е затворена, а и понатаму продолжија илегалните миграции низ територијата на Северна Македонија. Од 2016 година па сѐ до текот на 2019 година, според податоците на МВР, фатени се вкупно 172.983 илегални мигранти.
Според податоците на МВР, од почетокотна годината откриени се околу 50 случаи на криумчарење мигранти и бегалци.
Податоците на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ), покажуваат дека низ Балканската рута во 2015 и 2016 година поминале над 1,1 милион луѓе.