Bojana Stojanovic
06 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
БЕЛГРАД
Во Србија од денес, сабота, од 12 часот до понеделник наутро ќе работат само прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи за продажба на гориво, додека на планините и на ски-центрите во текот на викендот воопшто нема да работат ниту кафулињата ниту продавниците, изјави членот на Кризниот штаб за борба против коронавирусот (Ковид-19), епидемиологот Предраг Кон, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Што се однесува на останатиот дел на Србија, во сабота сè ќе работи до 12 часот поради задушница, а по 12 часот до понеделник, 8 март, до шест наутро само продавниците за храна, лекови и гориво“, рече Кон по вчерашната седница на Кризниот штаб во Белград.
Исто така, поради влошувањето на епидемиолошката ситуација, од понеделник, 8 март, средните училишта преминуваат на онлајн настава.
Како што појасни, за викендот, театрите ќе можат да работат до 21 час, а ќе бидат одржани и веќе закажаните спортски настани, без публика.
Следниот состанок на Кризниот штаб ќе биде одржан во вторник на 9 март, најави Кон, а во понеделник сè ќе работи како и досега, односно угостителските објекти, трговските центри и останатите услужни дејности до 20 часот, а прехранбените продавници до 21 часот.
Новите мерки донесени се поради тоа што во претходните денови дојде до пораст на новозаразените со Ковид-19 и на дневно ниво се бележат помеѓу 3.000 и 4.000 новозаразени. Во болниците сместени се 4.161 пациент, од кои 166 се на респиратори.