Балкан

Српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура поднесе оставка

„Поднесувам оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност бидејќи ваква страшна несреќа се случи во ресорот со кој раководам“

Senita Sehercehajic  | 05.11.2024 - Обновена : 05.11.2024
Српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура поднесе оставка

БЕЛГРАД (АА) - Горан Весиќ, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија, денеска поднесе оставка, јавува Анадолу.

„Заминувам од оваа функција со чиста совест и горд на резултатите кои остануваат зад мене како и на тимот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура кој работеше со мене. Работев со голема почит и одговорност кон граѓанките и граѓаните, како и во најдобра верба исклучиво во интерес на Србија“, рече Весиќ, пренесуваат српските медиуми.

Весиќ на вонредната прес-конференција во понеделникот најави дека денеска и официјално ќе поднесе оставка од функцијата министер во Владата на Србија по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад во петокот, во кој загинаа 14 лица, а три лица се тешко повредени.

Тој истакна дека поднесува оставка од функцијата министер затоа што сака да покаже дека во Србија постои морална одговорност.

Весиќ рече дека не може да ја прифати вината за смртта на 14-те лица кои настрадаа од уривањето на натстрешницата на железничката станица, додавајќи дека ниту тој ниту луѓето кои работат со него не сносат трошка одговорност за трагедијата што се случи.

„Сигурен сум дека тоа ќе го покаже истрагата што ја води надлежното обвинителство, а како што знаете јас прв се одзвав на повикот на обвинителството, како министер кој е надлежен за овој ресор, бидејќи министерството со кое раководам сака да се утврди одговорноста за несреќата што се случи. Поднесувам оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност бидејќи ваква страшна несреќа се случи во ресорот со кој раководам“, рече Весиќ во понеделникот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.