економија, Балкан

Стапи во сила Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина

„Ни претстои уште многу работа за да го искористиме максимумот од сиот потенцијал на овој договор, кој ја отвора вратата на пазарот со над 1,4 милијарди потрошувачи...“

Zlatan Kapic  | 01.07.2024 - Обновена : 02.07.2024
Стапи во сила Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина

БЕЛГРАД (АА) - Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ, истакна дека Договорот за слободна трговија меѓу Народна Република Кина и Србија, што стапи на сила денеска, ќе има широко влијание врз целата економија на земјата, пренесува Анадолу.

Момировиќ за време на презентацијата на овој договор пред бизнисмените во Нови Сад, објасни дека со повластен пристап до производи од српско потекло, значително ќе ги подобрат извозните можности и конкурентноста на компаниите од Србија, што ќе придонесе за проширување на нивните инвестициски и производни капацитети.

„Ни претстои уште многу работа за да го искористиме максимумот од сиот потенцијал на овој договор, кој ја отвора вратата на пазарот со над 1,4 милијарди потрошувачи, и носи значително ослободување од царина за нашите производи“, изјави Момировиќ, соопшти Владата на Србија.

Тој потсети дека на првиот ден од стапувањето на Договорот во сила, 60 отсто од стоките ќе бидат ослободени од царина, а во следните пет до 15 години се очекува дополнително ослободување од царина за 30 отсто од стоките, додека најчувствителните индустриски и земјоделски производи ќе продолжат да бидат заштитени.

Тој особено се осврна на економијата на Јужнобачкиот Управен Округ, чии земјоделски производи имаат голем потенцијал да најдат нови пазарни можности во Кина.

Имено, како што тој потсети, економијата на тој округ во 2023 година остварила стоковна размена со странство во вредност од 8,63 милијарди евра, што е 13,1 отсто од вкупната надворешнотрговска размена на Србија.

„Договорот значително ќе придонесе за зголемување на приходите на земјоделците, поттикнување на развојот на руралните средини и дополнително унапредување на нашиот земјоделски сектор“, рече Момировиќ, со уверување дека Србија ќе ги искористи сите можности што ги дава повластениот пристап до огромниот кинески пазар.

Според него, овој договор не само што ќе ја олесни трговијата, туку ќе ја подобри инвестициската соработка и интеграцијата на индустриските синџири, овозможувајќи подобро искористување на економските предности на двете земји и заедничко зајакнување на меѓународната конкурентност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.