Bojana Stojanovic
14 Јули 2019•Ажурирај: 15 Јули 2019
БЕЛГРАД (АА) - Србија ја поддржува Турција во нејзината борба против тероризмот, бидејќи со тоа сакаме да покажеме дека мора да се почитува волјата на турскиот народ и дека она што тој народ ќе го одлучи е единствен закон, изјави денес министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
На Турско-српскиот куп на пријателство, одржан денеска во Белград, а во рамките на одбележување на три години од обидот за државен удар во Турција, министерот Стефановиќ, кој на настанот присуствуваше како претставник од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведе дека за Србија една од важните работи е спротивставувањето на терористичката организација ФЕТО.
„Сите оние кои мислеа дека пред три години во обидот за пуч во Турција ќе го поразат турскиот народ и турската држава, доживеаја одговор од турскиот народ кој беше силен и покажа дека ја поддржува својата земја и дека за својата земја ќе се бори со сите средства“, изјави тој.
Како што рече, Србија ја поддржала тогаш, а ја поддржува и денес таа борба.
„И денес со Турција сакаме да се бориме против секој вид тероризам, против секој вид организиран криминал и да покажеме дека во тоа не смее да има каква било разлика“, наведе Стефановиќ.
Министерот за внатрешни работи оцени дека 140 години дипломатски односи на Србија и Турција симболизираат не само соработка на двете држави, туку и силна соработка на двата народа.
„Благодарение на иницијативата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес може да се види дека соработката во реалниот живот секој ден напредува, и тоа се гледа во многу поголемиот број инвестиции“, додаде Стефановиќ.
Според неговите зборови, повеќе од 200 милиони долари инвестиции создаваат повеќе од 10.000 работни места во Србија, а трговската соработка на двете земји е поголема од милијарда долари.
Унапредена е и соработката која се согледува во тоа дека турските и српските полицајци им помагаат на турските граѓани на граничните премини, а на кои Србија им е транзитна земја, да поминат што попријатно низ земјата.
Тој се заблагодари на амбасадорот на Турција во Србија, Тању Билгич, на одличната соработка во сите области, изразувајќи надеж дека и скората посета на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на Србија, ќе биде уште еден столб на соработка на двете земји.
Амбасадорот на Турција во Србија, Тању Билгич, истакна дека двете земји имаат одлична соработка која ќе биде крунисана со посетата на Ердоган на Србија во наредните неколку месеци.
„Тој се заблагодари и на српските власти за поддршката во борбата против терористите на ФЕТО“, изјави тој.
Освен министерот Стефановиќ и амбасадорот на Турција во Србија, на настанот присуствуваа и министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ и државниот секретар во Министерството за млади и спорт на Србија, Предраг Перуничиќ.
Министерот Љајиќ истакна дека економската соработка на двете земји е подобра од онаа досега и дека сега двете земји имаат најдобри односи во сите области.
„Резултатот на тоа е и големиот број турски компании кои дојдоа и работат во Србија, ние денес имаме повеќе од 400 компании на кои турските граѓани се во поголем дел сопственици“, изјави тој.
Како што најави тој, во август започнува обуката за текстилните работници во фабриката во Мал Зворник која ќе биде повторно отворена по 40 години.
„Се надевам дека ќе има простор во градежна смисла и дека таа фабрика ќе вработи, како и што планира, 500 работници во наредните две години“, додаде тој.