Zülfiya Yakup
21 Јули 2017•Ажурирај: 22 Јули 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес го прими врховниот командант на НАТО за Европа, генерал Кертис Скапароти, кој беше придружуван од командантот на КФОР, генерал-мајор Џовани Фунгеа, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата која беше затворена за медиумите, косовскиот претседател му се заблагодари на генералот Скапароти за поддршката што НАТО му ја даде на Косово за обезбедување мир во Косово и во регионот.
Како што беше соопштено од кабинетот, Тачи истакна дека улогата на НАТО во Косово била пресудна не само за зачувување на стабилноста и зголемување на безбедноста, туку и во соработката меѓу сите заедници во Косово.
„Вашата улога во Косово и во регионот е незаменлива. Ние секогаш ќе ви бидеме благодарни за тој придонес“, рече претседателот.
Тачи го информира генерал Скапароти за политичката и безбедносната ситуација во Косово. Според неговите зборови, Косово успешно ги заврши изборите, кои беа слободни, фер и демократски.
„Сега сме во процес на создавање на косовските институции, кои ќе бидат мултиетнички и со јасна евроатлантска ориентација“, рече Тачи.
Кога станува збор за соработката со земјите од регионот, претседателот Тачи го поздрави членството на Црна Гора во НАТО, изразувајќи надеж дека истиот пат ќе го следат и другите земји, и на тој начин ќе придонесат за траен мир во регионот. Претседателот на Косово рече дека земјата работи на завршување на процесот на трансформација на безбедносните сили на Косово во армија на Косово.
„Тоа ќе се случи во целосна координација со вас, и со вклучување на сите институции и заедници во Косово“, додаде тој.
Тачи, исто така, рече дека Косово ќе го продолжи дијалогот за нормализирање на односите со Србија и оти ќе работат на регионалната соработка и добрососедските односи.