Bayram Altuğ
16 Август 2018•Ажурирај: 17 Август 2018
ЖЕНЕВА (AA) БАЈРАМ АЛТУГ - Марк Финауд, главнот советник на Центарот за безбедносна политика во Женева, реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за турската економија, нагласувајќи дека никогаш не смее да се заборави дека Турција е многу важен сојузник во рамките на НАТО-сојузот.
„Не можете против членка на НАТО, која е од клучно значење и многу важен сојузник, да покренете едностран притисок, да преземете еднострани мерки и да воведете санкции“, рече Финауд во разговор за Anadolu Agency (AA).
Истакна дека Турција, Русија, Кина и клучните земји во Европа треба заедно да дејствуваат против администрацијата на Трамп, остро критикувајќи ги и изјавите на Трамп преку социјалната мрежа Твитер насочени кон Анкара.
„Тоа се многу неспретни изјави кои додатно ќе го зголемат притисокот во регионот. Апсолутно нема потреба за ескалација на напнатоста на овој начин“, рече Финауд, кој во богатата кариера извршуваше важни функции во Министерството за надворешни работи на Франција.
Тој ги осуди и дополнителните царини кои Трамп ги воведе на Турција на челикот и алуминиумот, напоменувајќи дека се работи за еднострани политики и употреба на сила, наместо трагање за заеднички решенија за постоечките проблеми.
Францускиот дипломат истакна дека трговијата треба да се води првенствено според правилата на конкуренцијата, додавајќи дека политиката на Трамп во таа смисла е погрешна во потполност.
„Најдобро решение се преговори во мултилатерални рамки“, рече Финауд, додавајќи дека поради тоа проблемите треба да се решаваат во рамките на Светската трговска организција (СТО).
„Дури и доколку имате некој проблем, потребно е да се решава со мултилатерален пристап во рамките на СТО. Иако САД поседуваат нуклеарно оружје, тоа секако не е најдобар пристап“, рече главниот советник на Центарот за безбедносни политики.
Коментирајќи ја одлуката на Трамп, според која САД во мај се повлекоа од Иранскиот договор, Финауд истакна дека едностраното ембарго против Иран немало ефект ниту во минатото, предупредувајќи дека едностраните санкции на Трамп на Иран првенствено ќе им наштетат на САД и на европската економија.
„Освен тоа, веројатно руските и кинеските компании ќе имаат корист од повлекувањето на европските компании од Иран“, оцени Финауд.
На крајот се осврна и на постојаните напади на сирискиот режим на Башар ал Асад на Идлиб, напоменувајќи дека воените методи во Сирија сигурно нема да донесат никаков резултат.
Апелираше до меѓународната заедница да ги поддржи напорите на Обединетите нации (ОН), со цел постигнување мирно и политичко решение за Сирија, и додаде дека режимот на Асад не смее да го злоупотребува хаосот во земјата и да продолжува со напади врз опозицијата.