Senada Ibraimova
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Поповски на денешната прес конференција рече дека во текот на 5 дневните спроведени активности на агенцијата и преземените мерки за сузбивање и спречување на ширењето на болеста Птичји грип во струшкото село Мороишта, уништени се околу 1950 единки на живина, јавува Anadolu Agency (AA)
Поповски изјави дека, по детектирањето на вирусот H5N8, на 27 јануари во струшкото село Мороишта, агенцијата за храна и ветеринарство заедно со ветеринарни екипи, стручни лица и службени лица од Министерството за внатрешни работи (МВР), на 28 јануари започнале 5 дневна акција, првично од првото детектирано одгледувалиште, во која биле уништени вкупно околу 1950 единки на живина, меѓу кои, кокошки, гулаби, гуски и други видови.
Тој рече оти, на 29 јануари било потврдено присуство на вирусот и во другите контактни одгледувалишта во селото, при што, како што нагласи, веднаш реагирале правејќи попис на целокупната живина на 30 јануари.
„На 31 јануари и 1 февруари се пристапи кон уништување на целокупната живина во селото Мороишта, со цел спречување и сузбивање на ширење на овој вирус. На 2 февруари се направи и комплетна дезинфекција на сите одгледувалишта“, изјави Поповски. Тој додаде оти, во текот на овој ден се врши мониторинг во Мороишта и во околните села, кои спаѓаат во радиус од 3 км, со цел да се види дали има останато живина, која не била најдена на лице место во текот на акцијата.
Поповски вели дека, живината била нештетно отстранета и закопана на струшката депонија.
Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, Д-р. Александар Додовски истакна дека, целосна карактетеризација на вирусот H5N8 (Птичји грип) е направена во примарното одгледувалиште во селото. Тој додаде оти, се земени дополнителни брисеви и мостри од околните одгледувалишта, во кои е откриен е вирус, или инфлуенца А, но, како што рече, анализите не се завршени, па поради тоа, не може да се тврди дали станува збор за истиот вирус.