Husamedin Gina
16 Март 2021•Ажурирај: 17 Март 2021
ПЛАСНИЦА (АА) – Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА) и Општина Пласница денеска потпишаа протокол за соработка за Проектот за здравствен центар, што е планирано да биде изграден во општината од страна на ТИКА, јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата за потпишување на протоколот присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски, пратеникот во Собранието на Северна Македонија, Исмаил Јаоски, координаторот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин и голем број жители од општината.
Протоколот за соработка на Проектот за здравствен центар во општината го потпишаа градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски, и координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут.
Во изјавата за медиумите, пред општинската зграда, веднаш по потпишувањето на договорот, амбасадорот Секизќок истакна дека ги пренесува поздравите и добрите желби на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и на граѓаните на Турција.
Упатувајќи благодарност до населението на Пласница затоа што вложува огромни напори за заживување на турската култура, свест и на исламската вера на овие простори, амбасадорот Секизќок рече дека приоритет на Турција е граѓаните во овие области да живеат во мир и спокој.
„Нашата цел е да ги подобриме вашите услови за живот на секое поле. Од овој поглед можете да бидете сигурни дека исто како и денес и во наредниот период ќе продолжиме со поддршката. Турција секогаш ќе биде со вас во сите околности“, нагласи амбасадорот Секизќок.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што како институција ТИКА долги години реализираат различни проекти во Северна Македонија, меѓу кои се и проектите на зградата на Општината Пласница и училиштата „Мустафа Кемал Ататурк“ и „Јунус Емре“, што се реконструирани и опремени од страна на ТИКА.
Осврнувајќи се на проектот за дистрибуција на садници за ореви на семејствата во Северна Македонија, како дел од проектот за одгледување ореви, Согут истакна дека денес се дистрибуирани 10.240 фиданки од ореви за вкупно 308 семејства, што е значајно за подигнување на животниот стандард на населението.
„Во областите Долнени, Пласница и Кичево покрај диструбицијата на фиданки за ореви во рамките на проектот за одгледување ореви подготвени се и визуелни водичи и професионални консултантски услуги со кои се надеваме дека ќе има високи приноси“, рече координаторот на ТИКА.
Тој истакна дека денес е потпишан протокол за соработка за Проектот за здравствен центар во Општината Пласница, и дека овој проект ќе има огромно значење посебно во овој период во кој се соочуваме со пандемијата.
Градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски, ја истакна благодарноста до ТИКА која во изминатиот период вложи напори за подобрување на инфраструктурата во Општина Пласница.
„Сега пред нас имаме реализација на еден голем проект во изградба на здравствена амбуланта што ќе биде опремена со современа апаратура за здравствени услуги на нашите граѓани“, рече Јаоски.
Градоначалникот во својот говор упати голема благодарност и до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По завршувањето на церемонијата беше посетена и старата амбуланта на чие место ќе биде изграден новиот здравствен центар.