Husamedin Gina
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во соработка со Меѓународниот балкански универзитет и Здравствениот дом - Скопје, го одржа првиот модул од вкупно четирите модули на Семинарите по дефектологија, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, истакна дека за Семинарот има голем интерес од целата територија на Република Северна Македонија.
„Ние како ТИКА, денеска во Северна Македонија започнуваме со специјален тренинг-семинар кој содржи четири модули. Со Семинарот целта ни е подигнување на свеста за аутизамот. Исто така и едукација на поголеми маси за тоа, било тоа да се наставниците во училиштата или обуката на експертите, професионалците од оваа област кои работат во здравствените центри“, нагласи Ајтекин, додавајќи дека очекуваат на Семинарот да присуствуваат над 200 учесници и дека секој месец ќе се одржува по еден модул, до вкупно четирите модули, со двајца експерти од Турција.
Тој, исто така истакна дека по завршувањето на Семинарот по дефектологија, заедно со Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија и со невладините организации планираат да организираат нови проекти.
Зејнеп Ерден, директор за образовни програми при Анадолската фондација за аутизам - Измир, истакна дека семинарот е многу важен за поединците, семејствата и за експертите од оваа област.
„Првиот од четирите модули на Семинарот ќе биде завршен денеска. Многу сум задоволна што сум во овој проект, кој има за цел да ги информира едукаторите за тоа како треба да се развиваат програмите потребни за лицата со посебни потреби. Овој проект е многу важен за поединци, за семејствата и секако за едукаторите“, истакна Зејнеп Ерден, додавајќи дека според истражувањата во светот, од 59 деца, едно се раѓа со аутизам.
Лидија Трпевска-Поповска, директорката на Здравствениот дом - Скопје, истакна дека таа и сите вработени во секој нов ден се почетници во својата работа, бидејќи сите деца се различни и посебни.
„Сиве овие години што изминаа и што ќе доаѓаат, децата беа и секогаш ќе бидат наш професионален предизвик и за да им помогнеме најмногу што можеме, мораме да бидеме најдобри, давајќи им пример дека во животот не постојат пречки, туку само предизвици кои треба да се надминат“, истакна Трпевска-Поповска.
„Ние сме горди што сме дел од овој семинар“, рече Шенер Билал, заменик-ректорот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, истакнувајќи дека овој тип семинари се многу значајни и за учениците и за наставниците од основното и средното образование, за да се подигне свеста за аутизмот.
На семинарот учествуваа голем број дефектолози, наставници од предучилишна настава, психолози, педагози, терапевти, социјални работници, логопеди, студенти од областа и заинтересирани семејства.