Aida Cako
15 Мај 2025•Ажурирај: 16 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) – По повод 15 Мај – Меѓународниот ден на семејството, во просториите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедничка прес-конференција одржаа министерот Фатмир Лимани и амбасадорот на Република Турција во Скопје, Фатих Улусој, јавува Анадолу.
Во своето обраќање, министерот Лимани истакна дека семејството претставува „извор на стабилност, љубов и солидарност“, нагласувајќи дека државната политика е насочена кон поддршка на сите форми на семејства.
„Нашата визија е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина“, рече Лимани.
Тој најави низа иницијативи во насока на подобрување на детската заштита и семејната поддршка, вклучувајќи изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), развој на систем за рана интервенција, промоција на позитивно родителство и унапредување на системот за згрижување.
Турскиот амбасадор Улусој се заблагодари на министерот за поддршката и разбирањето за зачувување на семејните вредности. Потсети дека ОН ја прогласиле 1994 за Година на семејството, а 15 Мај веќе 30 години се одбележува како Меѓународен ден на семејството.
„Семејството, како примарен столб на општеството, е незаменлива институција која нема алтернатива“, истакна Улусој.
Тој најави дека 2025 година во Турција е прогласена за Година на семејството, при што ќе се реализираат активности за зајакнување на семејната структура, а ќе се одржи и Меѓународен семеен форум во Истанбул на 22–23 мај, за кој министерот Лимани доби официјална покана.
- Турција со севкупна стратегија за зајакнување на семејството
Во одговор на прашањето на новинарот од Анадолу, амбасадорот Улусој посочи дека активностите во рамки на Годината на семејството се координираат од Министерството за семејство и социјални работи и опфаќаат сеопфатен пристап за зајакнување на институцијата на семејството и справување со современите предизвици.
Акцент се става на семејно советување, економска и психолошка поддршка за младите парови, активности за едукација и советување, како и адаптација кон дигиталните промени.
Дополнително, формиран е и Семеен институт за да се обезбеди развој на политики засновани на податоци, а низ цела Турција се одржуваат семинари, предавања и програми посветени на семејството, децата, лицата со попреченост и борбата против зависности.
„Турција ќе продолжи активно да вложува во заштита на семејството, бракот и културните вредности како клучни основи на општеството“, порача амбасадорот Улусој.
Турските институции организираат активности и во странство, наменети за турските семејства, со теми како семејна комуникација, дигитална зависност и зачувување на културниот идентитет.