Admir Fazlagic
03 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, се состана со претседателот на оваа земја, Ѓорѓе Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, за соработката во областа на одбраната и безбедноста, како и за актуелните состојби поврзани со интеграцијата на Република Македонија во НАТО“, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.
Се наведува дека претседателот Иванов и министерот Акар го истакнале интензивното ниво на соработка меѓу двете земји во областа на одбраната, преку редовни контакти на ниво на министерства за одбрана и на армиско ниво.
„Во тој контекст, македонскиот претседател ја поздрави соработката во областа на одбраната и изрази задоволство од севкупната поддршка која Армијата на Република Македонија ја добива од страна на Република Турција, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка, преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Се додава дека двајцата соговорници изразиле подготвеност за натамошно јакнење на билатералните односи и за продлабочување на меѓуармиската и безбедносната соработка.
На средбата кај претседателот Иванов, присуствуваше и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Турскиот министер Акар во рамките на посетата на Северна Македонија се состана и со претседателот на Собранието на оваа земја, Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, како и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, со која одржаа заедничка прес-конференција.