Admir Fazlagic
03 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар се состана со премиерот на оваа земја, Зоран Заев, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Република Северна Македонија, на средбата премиерот Заев изразил благодарност за постојаната и искрена поддршка на Република Турција во остварувањето на стратешките цели на земјата – членството во НАТО и ЕУ.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ја истакна севкупната исклучително добра соработка со Република Турција, која е во врвот на листата земји со кои имаме најдобра економска соработка. Тој посебно ја издвои соработката на планот на одбранбените и безбедносните прашања и политики за кои со Турција делиме заеднички пристап во однос на глобалните безбедносни закани", се вели во соопштението.
„Турција е земјата со која имаме долгогодишна соработка меѓу министерствата за одбрана и меѓу армиите на двете земји. Од огромна важност и значење се остварените обуки, логистиката и материјалната поддршка што ја добиваме од оваа соработка. Особено заради подигањето на стандардите на нашите војници и армија соодветно на стандардите на НАТО“, рече премиерот Заев на средбата со Акар, соопштуваат од Владата.
Исто така, во соопштението се навдува дека турскиот министер Акар изразил честитки за напредокот на Северна Македонија во евро-атланските процеси.
„Министерот Акар на средбата ја нагласи долгата заедничка историја на добри односи меѓу двете земји и изрази честитки за напредокот на нашата земја во евро-атлантските процеси, потенцираше дека членството во овие сојузи на Република Северна Македонија е само прашање на време, и истакна дека Турција и натаму останува искрен и силен партнер", стои во соопшението.
На средбата во Владата на Северна Македонија, присуствуваше и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Турскиот министер Акар во рамките на посетата на Северна Македонија се состана и со претседателот на оваа земја, Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, со која одржаа заедничка прес-конференција.