Ekipa
04 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ФОЧА (АА) - Министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој, денеска на свеченото отворање на повторно изградената џамија „Алаџа“ во Фоча, Босна и Херцеговина, изјави дека луѓето од ова поднебје не треба да го заборават минатото, но дека не треба и да живеат во него, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овде денеска сме почестени што една историска вредност враќаме таму каде што припаѓа“, рече Ерсој.
Турскиот министер потсети дека во соработка со вакафските дирекции на Турција и Босна и Херцеговина, џамијата „Алаџа“ во вистинска смисла и буквално се раѓа од пепелта.
„Таа го носи идентитетот на ова поднебје, украсена е во отомански стил, но го носи идентитетот на ова поднебје. Срушена е во 1992 година, а нејзините остатоци фрлени. Големиот лидер Алија Изетбеговиќ порача дека никој не треба да оди по одмазда, туку да ја бара правдата. Бидејќи одмаздата иницира синџир на зло кое нема крај“, рече турскиот министер Ерсој, додавајќи:
„Затоа, наша должност е наместо да ја градиме иднината врз болното минато, да градиме иднина во која ќе бидеме сигурни дека болното минато никогаш нема да се повтори. „Алаџа“ е симбол на овој идеал на овие простори.“
Џамијата „Алаџа“, како што рече, е показател дека расизмот и омразата можат да предизвикаат штета само на материјалното, но дека не можат да ѝ наштетат на културата на соживотот кој во Босна и Херцеговина и на Балканот постои со векови.
На оние кои се обидуваат да го расипат духот на соживотот, историјата и човештвото нема да им простат“, додаде Ерсој.
Тој рече дека врската помеѓу Турција и Босна и Херцеговина ќе ги направи ваквите споменици на културата уште посилни.

„Кога ќе ја погледнете „Алаџа“, ќе ја видите победата над оние кои не сакаат да го видат соживотот на овие простори“, рече Ерсој.
„Алаџа“, Шарената џамија или џамијата „Хасан Незир“ е изградена во 1549 година и е првата џамија во Босна и Херцеговина изградена во класичен османлиски стил. Ја градеше близок соработник на Мимар Синан, а она што е една од нејзините најголеми вредности е тоа што сите подоцнежни џамии се изградени потпирајќи се на идејата за џамијата „Алаџа“. Таа е дел од културното наследство на Босна и Херцеговина и е на листата споменици на светското културно наследство на УНЕСКО.
По завршувањето на агресијата врз Босна и Херцеговина, првите фрагменти од џамијата „Алаџа“ се пронајдени во 2004 година, заедно со остатоци од телата на убиени Бошњаци, во масовна гробница на брегот на реката Дрина. Оттогаш до 2014 година, кога официјално започнаа работите на реконструкција и повторна изградба на џамијата, Исламската верска заедница на Босна и Херцеговина, поточно Вакафската дирекција, активно се подготвуваше за нејзината обнова.
„Алаџа“ е повторно изградена, првенствено со поддршка на Генералната дирекција на вакафот на Република Турција, која ги финансираше сите работи на нејзината изградба, потоа Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во БиХ, Истражувачкиот центар за исламска историја, уметност и култура (IRCICA) и многу други.
Џамијата е реконструирана според изгледот на оригиналната џамија „Алаџа“.